Јас сум среќна и сама жена, која живее холивудски живот!

by fokus

Уште додека бев мала, најважно ми беше да се облечам убаво, да ставам шноли на косата, да и ги земам штиклите на мајка ми и пред огледалото со часови пеев и играв. Таква останав и денес, на мои 48 години, сакам да изгледам убаво, средено, да пејам и да се веселам – вака за ,,Фокус” раскажува фолк пејачката Ани Малинкова, која во месец август го направила првиот естетски зафат, а потоа продолжила со низа на третмани за нега и одржување.

Вели дека според неа секоја жена треба да биде негувана, а на естетските третмани кои изминативе години станаа популарни и достапни и кај нас, гледа како на рутина која и дава дополнителна самодоверба.

-Подолг период размислував за ботокс, но поради пандемијата постојано одлагав. Во август се решив да ја посетам орданицијата Др. Анчевски, и воопшто не се покајав. Направив ботокс третман на лице, потоа следеше затегнување на лице и тело со колаген, ласерски третмани за коса, цела низа на мали задоволства кои многу значат за секоја жена. Се препуштив во рацете на д-р Тања Бурјакоска, без страв, безболно ги минувам сите третмани – раскажува Малинкова.

Додава дека пред неколку дена го прославила 48-от роденден, имала мала, интимна забава, но пред тоа прошетала низ скопските улици во фустан кој за неа го креирала дизајнерката Арбеса.

-Направив фото сесија на мојот роденден, во преубавиот гламурозен фустан кој го креираше Арбеса, а фотографиите ги направи фотографот Давид. Чекорев низ улиците во Скопје така средена, исполнета и среќна, како да сум во Холивуд. И токму тоа би им го порачала на сите жени, да бидат секогаш средени, да чекорат самоуверено, како да се на некоја светска писта, горди на себе.
Да се негуваат и да се стават себе на прво место, оти само жена која е задоволна со себе, може да биде среќна и да ја шири таа среќа наоколу.

Јас сум сингл веќе осум години, помина доста време од разводот, но во ниту еден момент не си дозволив да не внимавам на себе, на изглед, на физичка форма која ја одржувам со спортување, на фризура, гардероба… И кога бев во брак, и сега, кога сум сама, јас сум задоволна со себе, се трудам секогаш да бидам негувана. Жена сум, силна сум, можам се – вели Ани.

Таа е присутна на сцената околу три децении, по потекло е од Кавадарци, а долги години живее во Скопје. Извесен период престојувала и во Америка, и појаснува дека од животот таму научила многу.

-Нашите жени се убави, вредни, би рекла недоволно ценети во ова општество за се она кое го прават за семејството и домот. Потребна им е само поголема поддршка, и никогаш да не заборават на себе и своите потреби, на грижата и негата кои ќе им помогнат да дојде до израз целата нивна надворешна и внатрешна убавина. А кога се чувствуваш убаво во своја кожа, започнуваш посилно да блескаш и од внатре-вели Ани.

Околу музичката кариера, раскажува дека повеќе не настапува на фестивали. Решила да им отстапи простор и можност да се докажат на помладите колеги, бидејќи смета дека веќе добила многу награди и признанија.

-Сега сум во едни помирни води, кога е музиката во прашање. Не брзам со снимање на нови песни или пак албуми, чекам некоја песна навистина да ме допре во срце, па тогаш влегувам во студио. По сите овие години минати на сцената, драго ми е што можам да кажам дека финансиски сум средена, но генерално, состојбата на естрадата е на незавидно ниво, посебно откако ни се случи пандемијата. Времето го минувам опкружена со добри и искрени пријатели, задоволна сум од животот и гледам да го извлечам најдоброто од секоја ситуација и од секој момент. Немам време за негативности, уживам во секој нов ден- раскажа Малинкова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости