Тетовирањето станува се популарно кај нас во изминативве години, а бројот на девојки и жени кои се одлучиле да се занимаваат со оваа креативна професија е се поголем. Една од нив е Билјана Китановска – Биби, која во јануари минатата година ги отвори вратите на своето тату студио во Скопје.
Студиото е лоцирано во Кисела Вода, а како што раскажува млдата уметница за ,,Фокус”, уште од рано детство и се родила љубовта кон тетоважите.
-Уште како дете од три години уживав да гледам како пријател на татко ми црта животни од бројки, потоа ме привлекоа стриповите Загор кои ги читаше дедо ми, а веќе во основно училиште започнав со рапитограф да си цртам тетоважи по рацете. Кога другите ученици ги видоа тетоважите, и тие посакаа да им нацртам.
Но, кога веќе како возрасна посакав да се обучам за тату мајстор во Македонија, насекаде наидував на затворени врати, на изговори дека ако сум уметник, не значи и дека ќе бидам и добар тату артист.
Нештата се сменија сосема случајно, кога заминав да живеам на Малта, а мојата цимерка наиде на оглас за обука на тату мајстори, раскажува Билјана.
Во 2019 година во Малта започнала нејзината приказна со тетовирањето, а истовремено цртала и сликала, што и донело две групни изложби, како и работа на повеќе проекти, помеѓу кои и дизајнирање на корици за книги.
Откако се вратила во Македонија, вели дека се заинтересирала и за НФТ светот, и нејзини дела станале дел од меѓународни дигитални изложби.
За тетовирањето раскажува дека според неа е еден од најтешките уметнички правци, и сфатила дека и една мала тетоважа може многу да влијае врз животот на клиентите.
-Ова е правец каде се поврзуваш со клиентот, на некои луѓе им даваме самодоверба, среќа, исполнети желби… Според нивни реакции, согледав дека не е само тетоважа во прашање, туку многу повеќе од тоа.
Во споредба со моето уметничко искуство, во светот на тетовирањето уште се сметам за почетник, но непоколебливо одам напред, водејќи се според мотото – Јас сум креирана да креирам.
Да се биде жена тату артист во Македонија не е лесно, но не и невозможно. На сите уметници кои сакаат да започнат да учат тетовирање, би им порачала никогаш да не се откажуваат од сонот, ништо не е невозможно, но мора да се даде сто проценти од себе, порача Билјана, за чија уметност пишуваа и неколку американски портали, помеѓу кои New York Wire, Womens Journal и други.
Вики Клинчарова