Јас растев без родители, сега и моите деца се мачат во животот, вели кумановецот Трајко кому му е потребна помош

by fokus

Имав убаво детство и нормален живот се до 1995 година, кога мајка ми почина. На свои 11 години останав без неа, и мислев дека не може да биде полошо, кога наредната година, почина и татко ми. Од тогаш трае мојата секојдневна борба за достоинство и можам да кажам дека сега, на свои 37 години сум веќе уморен од се – за ,,Фокус” раскажува кумановецот Трајко Василевски, кој е сопруг и татко на три малолетни деца.

Вели дека од својата единаесетта година живеел со старатели, желен за родителска љубов и грижа.

-Кога ја запознав Стефани, мојата сопруга, сакав да и пружам убав живот, да имаме деца, да им го дадам сето она кое мене ми недостигаше додека растев. Но, не било пишано така. Ми се јавија голем број на здравствени проблеми, веќе со години имам проблеми со движењето и ме очекува операција на колкот, која ја одложувам бидејќи немам доволно средства.
Тоа е и причината поради која сум спречен да работам тешка физичка работа, па затоа подолг период барам вработување за кое не треба посебен физички напор. Би прифатил да чистам во Градско зеленило, би метел улици, би одржувал зелени јавни површини… Не знам каде да се обратам за помош, имам три ќерки на возраст од 10, 5 и една година на кои им се потребни основните услови за живот – раскажува Трајко.

Додава дека месечно живеат со 8.300 денари, детски додаток, а средствата не биле доволни ниту за храна, а не пак за лекувањето кое му е потребно. Исто така, најголемата ќерка Меланија имала проблеми со слухот, од пред три години започнала да го губи слухот на едното уво, и и било потребно лекување на клиника во Скопје, каде ја има потребната апаратура.

-За Меланија ми е најтешко. Редовно сме по болници. Ќе и дадат терапија, ќе ја прима неколку дена, потоа трчам насекаде да најдам пари за да можеме да продолжиме со купување на лекови. Многу е тешко, потребни ни се средства за да можеме да ја однесеме на клиника во Скопје каде ќе се направат сите потребни испитувања и каде ќе се оперира и лекува. За мене, за моите здравствени проблеми, веќе и не размислувам – вели тој.

Појаснува дека со семејството минале низ многу тешки ситуации, имало период и кога останале бездомници. Сега го решиле проблемот со сместување, имале свој дом, но немале доволно средства за приклучок на електрична енергија.

-Ни треба баш се… Приклучокот е над 20.000 денари, во мрак живееме. Немаме мебел, бела техника, децата почесто се гладни отколку сити. Во минатото апелиравме за помош, се јавија хумани луѓе и ни донираа храна, дрва за огрев и машина за перење.
Но, откако јавно побарав помош, доживеав и огромна дискриминација и навреди. Луѓе кои не ме ни познаваат ме обвинуваа дека сум мрзлив, дека не сакам да работам, ми пишуваа зошто сум створил семејство, ако не можам да го издржувам… Многу тешко ми падна тоа, а и семејството се вознемири. Затоа сега не би сакал да се објават фотографии од моите деца, тие не се должни да страдаат поради мене, но и поради луѓе кои не знаат што е тоа човечка мака. Сите кои ме напаѓаат, нека дојдат кај мене дома, да видат како ми е и како живееме. Дури потоа, нека си земат за право да ни судат – вели Трајко.

Семејството има потреба од мебел, бела техника, облека, но и финансиска помош за лекувањето на Меланија и за приклучок за електрична енергија.
Хуманите граѓани кои се во можност да помогнат, можат да донираат на следната сметка:
Стефани Василевска, 240 147107573075, Уни Банка, или пак да се јават кај семејството на телефонскиот број 078 646 728.

Вики Клинчарова

Поврзани новости