Јас немам проблем да запеам за било која партија кога се работи за народна прослава!

by Fokus

Утре ќе настапам во Пеленица, на настанот по повод Денот на независноста, и сакам да истакнам дека јас сум музичар, мое е да запеам пред народот, а не да се мешам во политика! Било која партија да го организира настанот, дали е тоа ВМРО или пак СДСМ, јас настапувам на народен собир, на веселба за нашиот народ, бидејќи тоа е мојата професија – за ,,Фокус” вели музичарот Благоја Грујовски.

Негови колеги кои беа најавени како музички гости, откажаа учество, бидејќи, како што појаснија, не сакале да настапуваат на патриски настани.

Грујовски посочува дека никогаш во животот не бил партиски определен, но сепак не би прифатил да пее на партиска кампања. Но, кога станувало збор за сенароден собир, каде биле добредојдени сите граѓани, без разлика на политичка или било каква друга определба, по повод Денот на независноста, тој вели дека професионално ќе си ја заврши својата работа, без оглед на тоа која партија е организатор на прославата.

-Не сум добил никакви привилегии од било која партија, не сакам да бидам етикетиран по партиска линија, бидејќи јас повеќе од три децении заработувам од музика. А музиката, таа му припаѓа на народот. Не би коментирал за моите колеги кои го откажаа учеството, јас уште на самиот почеток бев информиран за каков настан се работи и кој организира. Штом станува збор за народна веселба, не гледам никаков проблем – додава.

Уште во тек на вчерашниот ден, кога беа објавени имињата на музичките гости, следеа реакции на наши иселеници во Австралија, кои им порачаа на пејачите доколку пејат на настан организиран од СДСМ, воопшто да не им доаѓаат на турнеја во Австралија, бидејќи ќе бидат бојкотирани.

Грујовски, заедно со Сања Барби, која исто така е најавена како музичка гостинка во Пеленица, веќе ја договорил нивната турнеја во Австралија, и вели дека досега не добил никакви лоши коментари или пак притисоци од било кого по повод учеството во прославата по повод Денот на независноста.

-Политиката е за политичарите, музиката, преку музичарите е за народот. Тие работи не треба имаат меѓусебно влијание, порача Грујовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости