Пред три години ми се случи еден пресврт во животот, кога ми се јави мојот долгогодишен пријател Ферки Демировски и ми предложи да започнам со работа како дел од маркетинг службата на неговиот објект „Ми Каса“, уникатен хотел-ресторан на скопското Кале. Тоа што ги познавам Ферки и неговата сопруга Елма околу една деценија, и знам дека се одговорни луѓе ми беше пресудно да ја прифатам работата, која на крај се испостави дека ми донесе прекрасни искуства и покрај која во мојот живот влегоа нови луѓе со кои сега сме како семејство. Беше тоа период кога се борев со здравствени предизвици, не беше лесно, и самото влегување во Микаса ми дојде како една нова, позитивна животна етапа-за „Фокус“ раскажува новинарот и ТВ лик Зоран Василевски, познат во јавноста како Зоки Фаци.
Вели дека новото работно место како маркетинг менаџер во објект каде вработените се од мултиетнички состав, му отворило многу нови видици и широки погледи кон светот.
– Сите вработени сме како еден одлично уигран тим. Не има Македонци, Роми, Турци, Албанци… Ниту религија, ниту било каква припадност и определба не ни е важна, нема поделби, станавме како едно семејство, и за првпат по долги години можам да кажам дека јас овде си го најдов својот скопски мир. На десет минути сме од центарот на Скопје, а дишеме друг воздух, го имаме најубавиот поглед, секој си ја работи посветено својата работа, и овде се функционира како во некој друг свет.
Понекогаш во животот, кога мислиш дека се вртиш во круг, неочекувано се случуваат убави работи, се отвораат нови врати, се добиваат нови шанси…
А кога на крај на ден гледаме дека сме успеале и на гостите да им приредиме убаво доживување, сме им ја направиле вечерта или денот посебен, нам ни е уште побаво на душата – раскажува Василевски.
Појаснува дека „Ми Каса“ има 15 соби, односно апартмани, и чести се гостите од естрадата од регионот кои за време на настапи во Македонија се решавале да преноќат кај нив. Вели дека цените им се пристапни, од 30 евра, па нагоре за ноќевање, а она кое посебно им се допаѓало на гостите бил спа центарот со турски амам, базен, сауна и соби за масажа.
– Многу јавни личности ни доаѓаат. Имаме спортисти кои се редовни во спа центарот, имаме големи гурмани кои се воодушевени од нашата кујна, каде главниот шеф Хабип и готвачите се од Турција, а погледот од објектот остава без здив. Неодамна гостин ни беше популарниот пејач Владо Георгиев, па тој буквално не сакаше да си оди од кај нас.
Мене таквите ситуации ме исполнуваат, бидејќи сум човек кој на секоја работа се посветува максимално, сакам кога ќе ми се даде доверба, комплетно да ја оправдам, и на некој начин животот ми се врти околу работата.
Ни доаѓаат странци кои не нашле преку страницата на Букинг, секојдневно сретнувам интересни и инспиративни луѓе, истовремено сум во една средина каде владее динамика, но и внатрешен мир – вели Василевски.
Додава дека е на возраст и во животна етапа кога сфатил дека мирот е најважното нешто, а на тоа да се биде опкружен со позитивни луѓе гледал како на голем благослов.
Вики Клинчарова