Пристапниот процес на Северна Македонија треба да биде редовен согласно напишаното на хартија и не треба да има нови условувања, кои се однесуваат на билатералната состојба, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес – конференција со премиерот Димитар Ковачевски, кој е во дводневна официјална посета на Сојузна Република Германија, пренесува МИА.
-Ќе бидам јасен. Тоа е јасно договорено, и треба да биде редовен пристапен процес според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. Јас гарантирам за тоа, рече канцеларот Шолц на новинарско прашање за коментар дали е прифатлива за него изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека уставните измени, кои се утврдени во преговарачката рамка, се само прелиминарен услов за земјава и дека со нив не се исцрпени сите услови за државата да ја почне втората фаза од преговорите.
Шолц порача дека уставните измени се од централно значење за да се ослободи патот на Северна Македонија кон ЕУ и дека Германија сериозно ја сфаќа ЕУ-перспективата на земјава.