Синоќа на амфитеатарот на градскиот плоштад во Пробиштип се одржа концерт насловен ,,Ирена и пријателите” на кој настапи фолк пејачката Ирена Спасовска заедно со „Фантастико бенд” и диџеј Александар. Концертот е резултат на потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Општина Пробиштип и Здружение на естрадни уметници на Македонија, и привлече голем број на посетители. За „Фокус” Ирена појаснува дека атмосферата ја трогнала, бидејќи во публиката имало од најмали, до највозрасни генерации.
-Премногу публика, расположен народ, желен за песна. Кога на сцената ми се придружија и дечиња од публиката, спонтано, да пеат со мене, ми се наполни душата. Настанот само уште еднаш покажа дека не мора да се носат скапи музички ѕвезди од странство, за да се има добра забава. Нашиот народ знае кој пее од срце, со вистинска емоција. Премногу љубов имаше на сцената, владееше таа поврзаност која со години ја негувам со публиката. Ете, Пробиштип покажа дека не мора да биде Цеца на бина, за да се има убаво расположение, тоа се може и со нашите македонски песни! – вели Спасовска.
Додава дека е многу благодарна на ЗЕУМ и на Раде Илиевски, раководител на одделение за општествени и јавни дејности во општината, како и на градоначалникот Драган Атанасов, поради остварената соработка со нашата естрада, но и на сите жители на Пробиштип кои во огромен број синоќа присуствувале на концертот.
-Со децении сум дел од нашето естрадно небо, можеби една од ретките која успева кариерата да ја држи на едно исто ниво. Но, времињата се такви, јас држам ниво, ама потребна е и поддршка од институциите, како што тоа се случи вчера во Пробиштип. Треба да започнеме да си го цениме своето, да се даде предност на нашите, секогаш! Овде сме за хуманитарни концерти, за разни настани сме достапни во секое време, посебно ние од фолк естрадата, и кога се случува вакво нешто, кога општините застануваат зад нас, тоа многу ни значи. Ова ни е еден вид на признание дека се цени нашата работа, а поголема сатисфакција од тоа, да си ценет дома, кај своите, не постои-раскажува Ирена.
Од Општина Пробиштип за „Фокус” велат дека со вчерашниот концерт на Ирена започнала низата на културни настани кои ќе се случуваат во тек на летниот период.
-Општина Пробиштип со години наназад главен акцент дава на поддршката на домашната музика и поддршка на домашната сцена, поаѓајќи од домашните естрадни уметници. На пробиштипската културна сцена имаат продефилирано скоро сите музички уметници што значат нешто на македонската културна сцена – порачаа од општината.
Инаку, Пробиштип на 21-ви август ќе ја угости балканската музичка ѕвезда Цеца Ражнатовиќ. Во настанот не е вклучена општината, и пејачката ќе настапи во приватен локал.
Вики Клинчарова