Јаревски: Градоначалникот на Карпош хуманата урбанизација ја претвори во бетонизација

by Fokus

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски во утринската емисија на радио „Лидер“ го обвини градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски дека хуманата урбанизација ја претворил во бетонизација.

„Ова што се случува во Карпош, не е прашање локално. Тука не доаѓаат во судир различните мислења како треба да бидат поставени лулашките, кошовите. Овде станува збор за судир на концепти“, истакна Јаревски.

„Нечесно е што пред изборите градоначалникот настапи дека тој ги сфатил грешките. И дека тие грешки нема да се повторат и дека на некој начин ќе го поддржи нашиот концепт за хумана урбанизација“, потсети пратеникот.

Целиот проблем, како што рече, лежи во нерамномерната и несоодветната распределба на приходите добиени од комуналии.

„Едноставно, доколку приливот на комуналии веднаш се враќа во форма на инвестиции внатре од местото од каде што доаѓаат не би требало и не смее да има никаков тип на инфраструктурни проблеми. Од Карпош пристигнале три милијарди, се вратиле 200 милиони во инвестиции. Да се вратеа барем половина ние ќе ги имавме решено сите проблеми“, појасни тој.

Тој посочи дека на општина Карпош и се потребни нови 600 паркинг места, дека граѓаните тоа го бараат.

„Ставот на градоначалникот е дека мора да се гради, за да се собираат пари бидејќи ако немаме градба ние не можеме ништо да направиме. А, неговиот став е погрешен. Не може на таков погрешен концепт да се темели. До кога тој ќе оди со тој концепт? Сега со тој проект предвидува 11.000 нови жители“, нагласи пратеникот.

Јаревски рече дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош предлага хумана урбанизација, а тоа вклучува да се неутрализираат досегашните негативни ефекти од досегашните текови.

„Не ВМРО-ДПМНЕ што планира, прашањето е што планира инвеститорот со тој проект во Карпош. Тој ДУП таму во времето кога се врши купувањето на земјиштето, таму нема ДУП. Тој ДУП е укинат од Уставниот суд. Кога ќе падне урбанистички план на Уставен суд на таа предметна парцела не постои ДУП. Практично таму имало нива, или пак голо земјиште, и тој бил свесен дека купува за 20 милиони евра нива“, нагласи Јаревски.

Тој укажа дека инвеститорот кога ја купувал таа нива за 20 милиони евра знаел дека таму не може да гради ништо.

„Ние сме свесни за силните испреплетени врски и интереси помеѓу градоначалникот, СДС, ДУИ, концесиите кои што ги имаат кон инвеститорите. Ние нема да дозволиме бетонизација иако тие се упорни во тоа“, рече Јаревски.

Поврзани новости