Јапонец 45 години ја чекал смртната казна, сега судењето почнува одново

by Fokus

Судот во Јапонија одобри повторно судење за поранешниот боксер, Ивао Хакамада, кој пред шест децении беше осуден на смрт за убиство на четиричлено семејство.

Хакамада, кој сега има 87 години, беше осуден за убиствата во 1968 година и помина 45 години на смртна казна пред да се појават нови докази кои доведоа до негово ослободување во 2014 година.

Во времето кога го напушти затворот, тој беше осуденикот на смртна казна со најдолг стаж во светот.

Поранешниот боксер првично ги призна убиствата, но подоцна го повлече признанието и тврдеше дека е невин во текот на двегодишното судење, пренесува Гардијан.

Врховниот суд во Токио денеска донесе одлука за повторно судење на Хакамади, а активистите оценија дека е направен „чекор кон правдата“.

„Сега кога Високиот суд во Токио го призна правото на Хакамада на правично судење, кое му беше ускратено повеќе од 50 години, императив е обвинителството да го дозволи тоа“, велат активистите за човекови права.

Неговата сестра Хидеко денеска изрази олеснување по децениската борба за слободата на нејзиниот брат.

„Го чекав овој ден 57 години, сега конечно дојде“, вели оваа 90-годишна жена која со децении се борела да ја докаже невиноста на својот брат.

„Конечно, каменот падна од моето срце“, рече таа.

Јапонскиот правосуден систем сè уште има смртна казна, а Токио често е мета на критичарите поради неговите „тајни егзекуции“.

Хакамада поголемиот дел од времето го поминал во затвор, во самица.

Поврзани новости