Јанушев за обвинението за двокатните автобуси: Отфрлам било каква грешка, ова е политички мотивиран случај

by fokus

По поднесеното обвинение за набавката на 220 двокатни автобуси, со кое се гони и пратеникот Игор Јанушев, тој вели дека станува збор за политички мотивиран случај.

-Отфрлам било каква грешка, бидејќи и двата документи кои ги имаат наведно се доставени. И банкарската гаранција и сертификатот. Не е точно дека не биле доставени пред отворањето на понудите. Ставени се заедно со понудите.
Набавката беше и пред Комисијата за жалби по јавни набавки, беше предмет и на ревизија од Државниот завод за ревизија, изјави Јанушев за “Фокус”.

Тој обвинува дека мотивите за обвинението се политички.

-Ова е политички мотивиран случај кој се користи по потреба, за дефокусирање на јавноста. Особено е интересно што доаѓа токму денеска кога го имаме случајот со поротникот со истечен мандат поради кој им паднаа неколку обвиненија. Доаѓа во период кога е објавено дека 88% од јавните набавки за ковид-19 се направени со директно преговарање, додава Јанушев.

Предметот го отвори поранешното СЈО, а истрагата ја водеше обвинителката Лиле Стефанова.

-По три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година, во месец февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка. При отварање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуси од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) и Ј.Ј.А.(62) како членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот М.Ј.(43), постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отварањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000 како што било пропишано во тендерската документација.

Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р.Бугарија била за 4.772.920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него, појаснуваат од Обвинителството.

Оттаму додават дека обвинетите се гонат за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување предвидени и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 и член 22 од Кривичниот законик.

В.В.

Поврзани новости