Јанушев за Фокус: На 15 јули народот ќе го прати Заев во политичка пензија!

by Фокус

Нашата програма е со преку 1.000 проекти, нема да ветуваме нешто што не можеме да го исполниме како СДСМ, тоа не е наша одлика, никогаш и не ни била, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничката листа во третата изборна единица Игор Јанушев во мини-интервју за неделникот Фокус.

-На граѓаните им нудиме разнолика програма на која ќе ја темелиме кампањата. Сметаме дека е недолично да им се претставуваме на граѓаните со лажни ветувања, туку напротив – им нудиме конкретни решенија сублимирани во програмата Проект „Обнова“. Истата ја изготвивме со помош од домашни и странски експерти и истата содржи над 300 страници, над 1.000 нови проекти кои ќе ни ја обноват државата. Опфатени се проекти од сите области: здравство, економија, инфраструктура, индустрија, земјоделство, образование, млади, спорт… Се обврзуваме дека секој дел од програмата ќе го реализираме со особено внимание – вели Јанушев.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Каква кампања очекувате во рамки на третата изборна единица каде ја предводите пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ? Кои теми и прашања ќе доминираат и ќе се обидете да ги наметнете?

ЈАНУШЕВ Очекувам фер и демократска кампања, не само во третата изборна единица туку и на ниво на цела Македонија, иако целокупната јавност е сведок на начинот на кој СДСМ и Зоран Заев се обидуваа да влијаат и да вршат поткуп на граѓаните. Фактот што сега се соочуваме со предизвикот на оваа здравственo-економска криза и со неуспехот на Владата предводена од СДСМ во изминативе 3-4 месеци да се справи со истата, нѐ донесе до тоа да мораме да направиме стратегија за после овие избори и после победата на ВМРО-ДПМНЕ  да започнеме со преодна стратегија во насока на премостување на овој период, особено во наредните два квартали до крајот на 2020-та година. Нашата програма е со преку 1.000 проекти, нема да ветуваме нешто што не можеме да го исполниме како СДСМ, тоа не е наша одлика, никогаш и не ни била.

ФОКУС Откако изборите се спроведуваат исклучиво според пропорционален изборен модел во 6 изборни единици, резултатот во третата изборна единица, која е хомогена во етничка смисла, честопати ја правел најголемата или клучната разлика во вкупниот резултат? Каков исход очекувате во овој изборен регион и на што го темелите тоа?

ЈАНУШЕВ Наша примарна цел е на 15 јули убедливо да победиме, да ја добиеме поддршката од граѓаните затоа што тоа е најреалната слика. Сите останати постизборни калкулации сметам дека не е време да се коментираат или прецизираат. Наша задача е да им се претставиме на граѓаните како опција на која треба да и веруваат, како опција која ќе донесе обнова, која ќе донесе напредок на многу полиња и која ќе го подобри животниот стандард. Како што кажав, тоа отсекогаш било наша одлика, да она што ние ќе го понудиме на граѓаните во нашата програма, да го реализираме. Формирањето на владата треба да се темели на волјата на граѓаните и овојпат верувам дека тоа ќе се случи.

ФОКУС Каков резултат очекувате генерално на изборите и кои се главните фактори кои ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада?

ЈАНУШЕВ Факторот се знае кој е, а тоа е волјата на граѓаните. За кого мнозинството граѓани ќе одлучат да го дадат својот глас, тој нека ја носи победата и со среќа нека му е. 15-ти јули е денот кога СДСМ и Заев народот ќе ги прати во политичка пензија, пред се затоа што граѓаните се сведоци на 0 реализирани проекти од СДСМ во овие 3 и пол години. За разлика од нив, ние пред граѓаните излегуваме со нов кадар, нови луѓе, професионалци во своите области, разумни луѓе, родољуби и што е најважно од се – подготвени да донесат обнова. Ние веруваме во она што го нудиме и сме сигурни дека народот тоа ќе го препознае. Она што ние го нудиме во оваа изборна програма се реални проекти, кои во предвидените рокови можат и мора да се реализираат и од тоа не смее да има отстапки. За послеизборните коалиции е рано да се зборува било што затоа што тоа е фаза која доаѓа подоцна. Сегашен фокус ни е 15-ти јули, голема победа, за Македонија конечно да застане на нозе, онака како што доликува.

Целата сторија во која се обработуваат третата и четвртата изборна единица прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости