„Поради неодговорноста и измеќарскиот однос на СДС, граѓаните се доведени во ситуација да бидат во притвор во сопствената држава. Имено, изминатите години, надлежните институции, пред се МВР предводено од Спасовски, свесно работеле против интересите на државата и граѓаните, за сега да има целосен крах во издавањето на патни исправи поради што граѓаните не можат да ги остварат своите основни слободи и права“ вели на прес-конференција Игор Јанушев, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој смета дека „ова е директно нарушување на човековите и граѓанските права на секој поединец во Македонија, затоа што некој ја злоупотребил својата должност и несовесно работел во службата. Оливер Спасовски е директно одговорен за ова, бидејќи со години наназад набавувал обрасци за лични и патни исправи и истите ги издавал, иако бил свесен дека тие ќе станат неважечки пред истекот на нивниот рок на важност“.
„Спасовски не само што го оштетил државниот буџет, туку ги оштетил и граѓаните кои денес се соочуваат со ограничување на движењето и материјална штета. За ова ВМРО-ДПМНЕ во име на сите граѓани ќе побара кривична одговорност од Оливер Спасовски, затоа што граѓаните кои извадиле пасош во период од 2018 година па до денес, а на кои државата не им издала соодветна патна исправа, се директно оштетени и доведени во омаловажувачка позиција да не можат да ги уживаат своите права. Воедно во име на сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и тужба со цел обештетување на граѓаните кои свесно од страна на ова влада на ДУИ и СДС беа изложени на непотребни финансиски трошоци“ вели Јанушев.