Пратеникот од редовите на ВМРО – ДПМНЕ и поранешен директор на ЈСП, Игор Јанушев денеска беше осуден на условна казна од две години за набавката на двокатните автобуси односно во случајот „Дизајн“.
Јанушев нема да ја издржи казната ако во рок од пет години не стори друго кривично дело. Пресудата судијата Осман Шабани ја соопшти во празна судница, бидејќи не дојдоа ниту обвинетите, ниту обвинителката во овој случај, Лиле Стефанова.
Условната пресуда е изречена откако Собранието вчера ги изгласа измените на Кривичниот законик според кои ставот за кој се товари Јанушев е избришано
Инаку за овој случај, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и две други обвинети во случајот „Дизајн”, своеволно ја признаа вината за кривичното дело кое им се става на товар и беа прогласени за виновни и осудени на условна казна од две години затвор, која нема да се реализира доколку обвинетите во следните пет години не сторат ново кривично дело.
Пред судот, за невин се изјасни само Јанушев, кој бил член на Комисијата која ја спроведувала набавката.
Според Обвинението, сите обвинети ја фаворизирале кинеската фирма која ги набави автобусите за ЈСП, а таа немала доставено банкарска гаранција и сертификат за квалитет како што се барало во тендерската документација. И покрај тоа што понуда на фирма од Бугарија била пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на ексминистерот Миле Јанакиески да склучи договор со него.