Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев открил од каде му е подарокот кој што е впишан во најновиот анкетен лист доставен до ДКСК, кој предизвика голем број реакции во јавноста. Јанушев информира дека станува збор за подарок од родителите.
-Очекувам позитивен исход и се радувам што Антикорупциската комисија ќе може да се увери дека се е чисто. Станува збор за движен и недвижен имот подарок од родителите, кој и претходно е пријавен и во ова нема ништо спорно, ниту пак е нешто ново, изјавил Јанушев за ТВ 24.
Toj пријавил дека во 2023 година врз основа на договор за подарок се стекнал со градежно земјиште од 165 м2 во општина Центар. Според најновиот анкетен лист за имотната состојба, доставен до ДКСК, вредноста на земјиштето е 20 милиони денари или 325 илјади евра и е наменето како А2-2 станбено-деловна зграда.
Вчера од Антикорупицската комисија за „Локално“ информираа дека веќе оформиле предмет за проверка на имотот на генералниот секретар на Владата. Наведуваат дека предметот е врз основа на доставена пријава од Управата за финансиско разузнавање.
-Ве известуваме дека од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е оформен предмет за проверка на имотот на Игор Јанушев, а врз основа на доставена пријава на надлежно постапување од Управата за финансиско разузнавање, која до Управата била поднесена од непознат подносител. Во пријавата се бара проверка на имотот на лицето Игор Јанушев, поранешен директор на ЈСП Скопје, за кој имот се наведува дека не го пријавил во анкетниот лист поднесен до ДКСК. Во рамки на наведениот предмет ќе биде извршена проверка и на имотот за кој што прашувате, порачаа антикорупционерите за подарокот.
Од опозициската СДСМ бараа ДКСК и Обвинителството подетално да го истражат случајот, како и Мицкоски да го разреши Јанушев и да нареди итна истрага на потеклото на неговиот имот.