Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата кандидати за пратеници во Третата изборна единица, Игор Јанушев денеска ја посети општина Лозово, каде посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага преку своите советници да бара од Општината организирање референдум за граѓаните да се изјаснат за изградба на кафилерија.
– Она што предизвикува огромен проблем и што буквално од секој овде во Лозово го слушнав е планот на градоначалникот на општина Лозово да изгради кафилерија. Токму на ова место каде што се наоѓаме денес е предвидена изградбата на кафилеријата. Она што особено зачудува и изненадува е буквално насилничкиот начин кој што и овде во Лозово, ова мало место се обидува градоначалникот да го направи. Имено без никаква одлука на Советот на Општината, буквално по негова сопствена волја е предвидена изградба на кафилерија, која што е во непосредна близина на куќите во кои што луѓето живеат овде, на не цели 200 метри до црквата и основното училиште, појасни Јанушев.
Јанушев додаде дека ВМРО-ДПМНЕ најостро се спротивставува на ваквиот план и ќе ги преземе буквално сите чекори и сите мерки кои што може за да се запре овој чин на градоначалникот.
-Зошто е ова толку важно за граѓаните на Општина Лозово? Бидејќи се загрозува здравјето и животот на луѓето. Бидејќи со изградба на еден ваков капацитет во непосредна близина на објектите како што е училиштето, се загрозува здравјето на децата. Уште еднаш еден апел до градоначалникот да престане со овој начин на делување, видовме еднаш што направи изминатиот период. Имавме една случка кога заменик министерката на информатичко општество не и беше дозволено овде да дојде во локалните канцеларии. Насилничкото однесување мора да престане, нагласи Јанушев.