МВР на Оливер Спасовски, склучило договор според кој за една гума за возило ќе ја плаќа и двојно поскапо отколку што секој еден граѓанин би платил кога купува иста таква гума, вели Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вообичаено логиката кај тендерите и набавките на големо е цената која ја плаќа една институција да биде далеку помала од цената на истиот тој еден производ во малопродажба, но овде не само што цената не е помала, туку е двојно поголема.
Имено со договорот тежок речиси 1.5 милиони евра, кој МВР го склучила со фирмата „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје. Една гума со димензии 215/70 R 16 – 4X4 од брендот односно модел SAILUN ICE BLAZER ALPINE – EVO МВР ја плаќа 8.700,00 денари без ДДВ, додека иста таква во продажба на мало чини само 3.660 денари.
Еве и еден друг пример, гума со димензии 215/65 R16, од брендот односно модел SAVA ESKIMO HP2, МВР ќе ја плаќа 8.950,00 денари без ДДВ, додека иста таква гума секој еден граѓанин може да купи по цена од 4.065 денари.
Ако тргнеме по логиката дека и специјализираните продавници и салони за автомобили имаат заработка при продажба на гумите за возила, тогаш доаѓаме до заклучок дека од набавката на МВР на Спасовски имаме 750.000 евра повеќе од нормалната заработувачка, односно пари кои државата непотребно ќе ги плати, а ќе завршат во нечиј џеб“, додаде Јанушев.