Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа на изборната единица 3, Игор Јанушев денеска во општина Чешиново-Облешево оствари средба со оризопроизводителите, каде истакна дека по победата на 15 јули и формирање на влада на ВМРО-ДПМНЕ, ќе започне со враќање на достоинството на македонскиот земјоделец.
Јанушев на средбата посочи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе гарантира сигурен откуп на земјоделските производи, како и инвестирање во земјоделието од 640 милиони евра само за субвенции, 80 милиони евра за изградба на нови системи за наводнување, како и 50% финансирање за набавка на нови грла добиток.
-По победата на 15 јули и формирање на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе започне со враќање на достоинството на македонскиот земјоделец како и вистинско вреднување на трудот и маката на земјоделците. Она на што се обврзуваме пред оризопроизводителите е висока и стабилна откупна цена на оризот и оризовата арпа, додаде Јанушев.
Субвенциите за сите земјоделци, како што рече, мора да бидат сигурен приход на кој тие ќе се потпрат со цел да можат да го мултиплицираат производството.