Единствено зелено што гледам во некоја конотација во однос на зелената боја помеѓу СДСМ и ДУИ, е зелената боја на еврата, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание, Игор Јанушев во однос на ребрендирањето на владејачката партија ДУИ, на чело со Али Ахмети кој денеска истакна дека во фокусот на неговата партија ќе биде зелената агенда и заштитата на животната средина.
Тој во своето гостување во централниот Дневник на Сител телевизија истакна дека тоа што денеска го најави Ахмети во овој период е всушност дефокус на јавноста од вистинските проблеми со кои се соочува државата.
„Тоа е најдобриот пример како да се долови поентата кога некој најавува нешто такво, што е добар дефокус за јавноста кога излегува со една таква тема. Она што го видовме во последните неколку години, покрај интересот за еврата, парите, криминалот и корупцијата, единствено зелено предводено од оваа Влада се лагите кои што ги пласираа на оваа тема, во однос на заштитата на животната средина и екологијата“, рече Јанушев.
Тој додаде дека после шестнаесет години, колку што со Министерството за животна средина во континуитет раководат кадри на ДУИ, да излезеш и да твдриш дека во фокус на својата партија ја ставаш зелената агенада, нема никаква логика, и тие две работи не одат во иста реченица.