Јанушев е содружник во фирма во Бугарија, се врши проверка на имотниот лист!

Станува збор за друштвото „Флугбан Транс“, основано во 2015 година со седиште во Ќустендил од страна на 3 лица. Еден од нив е владиниот генерален секретар Јанушев, кој вели дека нема приход од оваа компанија. Додека од Илинденска тврдат дека тој сите удели ги пријавил, од Антикорупциската комисија посочуваат дека во тек е проверка на податоците од неговиот анкетен лист.

by Фокус

Игор Јанушев, актуелен генерален секретар на Владата, поседува компанија во Бугарија заедно со уште двајца партнери. Станува збор за друштвото „Флугбан Транс“, кое, според податоците од бугарскиот трговски регистар, е  основано во 2015 година со седиште во Ќустендил, со дејност за изградба и тргување на недвижности, купување и продажба на стоки, комерцијално застапување и брокерство…

Имено, оваа компанија ја основал Јанушев заедно со уште еден македонскиот државјанин – Кире Гешоски. Сепак, тие поседуваат малцински удели во фирмата, додека мнозинскиот удел во основачкиот влог го поседува Сашо Апостоловски. Тој е роден во Скопје, но во договорот за основањето на компанијата во Бугарија е заведен како државјанин на Чешка, со адреса во Прага.

До Владата упативме прашање со каква цел е основана оваа компанија, со што таа поточно се занимава, дали остварува значајни деловни активности во изминатиот период, како и дали сопственичкиот удел е пријавен во анкетниот лист што Јанушев го доставил до Антикорупциската комисија како пратеник?

Воедно, нѐ интересираше и каков е ставот на Владата во врска со дејствувањето на јавни функционери во бизнис-секторот во Бугарија, бидејќи своевремено актуелната власт, во улога на опозиција, го проблематизираше тоа што тогашниот премиер Зоран Заев и членови на неговото семејство поседуваат фирми во Бугарија?

„Генералниот секретар е содружник во компанија основана пред 10 години во Бугарија. Игор Јанушев ги пријавил сите негови сопственички удели во соодветните анкетни листови и е отворен за соработка со надлежните институции за секоја дополнителна проверка. Јанушев нема никаков приход остварен од таа компанија.

 

Владата го поддржува легитимното дејствување на јавните функционери во приватниот сектор, но секогаш инсистира на строго почитување на законот и на начелата на целосна транспарентност.

 

Во врска со критиките на опозицијата за компаниите во Бугарија, треба да се има предвид дека принципите на правото и транспарентноста важат за сите, без оглед на политичката припадност.

 

Корелацијата со Зоран Заев е нереална затоа што семејството на Зоран Заев и тој самиот, експанзијата на бизнисите ја доживува под сомнителни околности во период додека Заев беше премиер“, стои во одговорот што го добивме од Илинденска.

Досега, не е објавен анкетниот лист на Јанушев како владин генсек, но достапни се негови анкетни листови како републички пратеник, но и како директор на ЈСП Скопје, функција на која беше именуван во 2015 година или истата година кога е основана бугарската фирма.

Притоа, во последно објавениот анкетен лист наведен е стан од 148 квадратни метри во Скопје стекнат во 2023 година вреден над 17 милиони денари, возило Лексус во вредност од скоро милион денари, но не е наведен удел во приватна компанија.

Затоа, се обративме и до Антикорупциската комисија, од кадешто ни одговорија дека оформен е предмет за проверка на податоците од анкетниот лист на Јанушев и дека постапувањето е во тек. По утврдување на фактичката состојба, додаваат од таму, ќе биде донесена одлука на јавна седница.

Инаку, ИРЛ објави дека и новиот лидер на СДСМ и воедно пратеник Венко Филипче поседува фирма за недвижности во Бугарија, која не ја навел во анкетниот лист. Тој изјави дека не ја пријавил оваа компанија бидејќи била неактивна, но тоа ќе го стори по објавувањето на сторијата.

Зошто Мицкоски во биографијата не ги навел уделите во приватни компании?

Влатко Стојановски

Поврзани новости