Гоце Делчев е интимно вткаен во нашата душевност и нација и неговото дело е синонимно поврзано со нашата татковина. Гоце Делчев е наше минато и наша стварност, а наша завет е да ја реоткриеме вечната духовност. Ова беше порачано на отворањето на научниот симпозиум „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“, што денеска и утре се одржува во организација на Институтот за национална историја – Скопје.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Никола Јанкуловски, на отворањето на дводневниот научен собир порача дека Делчев е интимно вткаен во нашата душевност, во битот на нашата нација, заради што треба и на ваков начин, со суштински научни согледби да му се поклониме.
– Должни сме, но не само пред Делчев и историјата, туку и пред нацијата во чиј што код се вградени неговите мисла, идеја и дело, и пред времето идно. Овој собир им го должиме и на потомците имајќи предвид дека делото на Делчев е синонимно поврзано со нашата татковина, а таа не е во наша трајна сопственост и веќе им припаѓа на поколенијата што доаѓаат по нас. Всушност, нашата научна посветеност и поклонението пред гоцевото дело е траен генерациски завет, изјави Јанкуловски.
Гоцевото разбирање на светот како поле за културен натпревар помеѓу народите, според Јанкуловски, ја отсликува неговата непобитна врска со учителството и нераскинливиот спој со револуционерната идеја, изразена преку водењето на своите чеда кон патот на слободата и изборување на рамноправност со другите народи.
– Гоце Делчев не е само клучна личност од нашата историја, туку и дел од нашиот бит, присутен во сите сфери на нашето катадневие. Обемната научна програма опфаќа 40 реферати на еминентни професори и научници, можам да изразам увереност дека во претстојните два дена ќе бидат засегнати и поставени мноштво прашања со кои ќе се реконстурира вечно неистражената историска величнина на Гоце Делчев, изјави Јанкуловски.
Наша завет, нагласи ректорот на УКИМ, е преку научната спознајност на остриот интензитет што Гоце генерациски го предизвикува во нас да ја реоткриеме вечната духовност, бидејќи како што рече, Гоце е нашиот бит, наше минато и наша стварност.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Љупчо Коцарев, рече дека кај нас музата на историјата има многу непријатели, најмногу меѓу историчарите и политичарите, и на 150 годишниот јубилеј посака да се обединиме околу градењето достоинствена иднина во која македонизмот ќе биде нашето битисување, а Гоце Делчев нашиот водач.