Јанкуловски: Чествувањето на Конески е чествување на нашиот идентитет

by fokus

На денешниот свечен собир во МАНУ, по повод 100-годишнината од раѓањето на македонски поет, писател, литературен преведувач и лингвистички научник Блаже Конески беа истакнати пораки дека не е доволно само свечено да го чествуваме делото на Блаже Конески, неопходно е да ги почитуваме неговите научни придобивки за континуитет на македонскиот јазик, културна и национална историја.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Никола Јанкуловски во своето пригодно обраќање посочи дека ниту еден друг универзитет во светот, освен Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје немал предавач, професор и ректор кој во изминативе децении остварил толкав влог во националната наука, култура и уметност, колкав што е влогот на Конески.

-Чествувањето на великанот Блаже Конески е чествување на кодот на нашата држава и нација, кодот на нашиот бит и нашиот идентитет. Нашиот Универзитет ќе немаше таква историја и цврсти темели без Конески. И не само нашиот Универзитет, туку ова важи и за сите институции и организации во чии што темели е градена сенката на Конески, вклучително и Македонската академија на науките и уметностите, и Друштвото на писателите на Македонија, рече Јанкуловски.

Кога станува збор за Универзитетот од една страна, потенцира Јанкуловски, Конески е дел од нашата историска лична карта пред светот, но од друга страна тој е придвижникот, кој што ги постави и димензиите на професор и научник, кон кој што секој од тимот на УКИМ треба да се стреми.

Според Јанкуловски, кога сите би го следеле примерот на Конески како научник и професор, но и педагог, остварувањата на севкупното наше општество би биле многу повисоки.

Поврзани новости