Јанкуловска се нашла среде вооружен инцидент во Јегуновце во 2011 година, сведочеше шефот на нејзиното обезбедување

by fokus

Виктор Белевски, кој во 2006 година бил шеф на обезбедувањето на тогашната министерка Гордана Јанкулоска, денеска сведочеше во случајот „Тенк“. Тој појасни дека блендираниот мерцедес со кој се превезувал Груевски, но и други вип личности и странски делегации многу често се расипувал.

-Имавме вербална расправија со министерката Јанкулоска за ова возило, зошто јас барав да се отстрани од возниот парк, бидејки често се расипуваше, а таа не ми дозволи и рече што имаме тоа ќе возиме – рече сведокот.

Тој додаде дека и останатите блендирани возила често се расипувале, а за поправка се чекало многу време, со месеци, поради набавката на делови.

-Затоа баравме да се отстранат овие возила, бидејки не беа безбедни. Во 2011 година бевме со министерката Јанкулоска на средба со граѓани во Јагуновце. Таму се случи инцидент каде што имаше вооружен судир меѓу криминална банда и МВР, а ние се најдовме во средина на тој оган, на тоа препукување. Морав да интервенирам, а бидејки немав блендирано возило, министерката ја сместивме во еден објект, и наредив што поскоро да обезбедат блендирано возило и да дојдат. Тоа траеше околку еден час, по што ја сместивме министерката и се повлековме – рече сведокот Белевски.

Во овој случај обвинета и Јанкулоска, но поради нејзината бременост постапката за неа се раздвои.

Сведокот Белевски рече дека го затекнал и новиот мерцедес од 580.000 евра, но не знаеше кои вип личности се превезувале со него.

Пред судот сведочеше и Минковски, кој му бил обезбедување и на претседателот Борис Трајковски, а потоа му бил и на Груевски.

-Возилата беа исти од времето кога работев кај претседателот, но тогаш беа нови, бидејки беа произведени 1999 година. По неколку години не функционираа како што треба, затоа баравме да се набават нови. Од Службата за општи и заеднички работи на Владата добивме две ескортни возила, кои не беа блендирани. Новото возило, мерцедесот, го возевме само кога одевме надвор од Скопје и се отстапуваше на странски делегации – реце Минковски.

Тој додаде дека често пати за превоз на странските вип личности земале рента кар возила.

В.В.

Поврзани новости