„Лабораториите на нашиот факултет функционираат на принципот претходно доставени барања и примероци. Нашата стручност и професионалност е само во делот на вршење на анализите и издавање на резултати кон оној што ги побарал анализите. За понатамошно постапување ние немаме надлежност, меѓутоа во случај на наод на некој незадоволителен параметар ние според закон сме должни да ги известиме надлежните министерства, агенциите кои подоцна треба да си ги преземат потребните мерки во однос на заштита на населението“, рече професорот Деан Јанкулоски декан на Факултетот за ветеринарна медицина во интервју на Слободен печат во соработка со Градска.мк.
Тој додаде дека во рамките на факултетот за ветеринарна медицина функционира и националниот институт за ветеринарство и храна, каде што освен што лабораториите се бават со тестирање на безбедност и квалитет на храната, а има и лаборатории кои се занимаваат со тестирање на здравствената состојба на животните.
„Во овие лаборатории се испитуваат сите оние значајни болести коишто претставуваат опасност по здравјето на животните, меѓутоа некои од тие болести претставуваат опасност и по здравјето на луѓето. Африканската свинска чума се појави периодов, ја имаше во соседството, меѓутоа се појави преку дивите животни и на нашите свињарски фарми каде што нанесе големи економски штети. Таа не се пренесува од животните на луѓето, но во секој случај бидејќи не се лекува треба да се уништат сите животни на фармата“, посочи Јанкулоски.
Тој додаде дека со климатските промени се појавуваат болести кои не се специфични за нашето подрачје.
„Тоа е најчесто поради некои инсекти или вектори коишто ги пренесуваат болестите преку животните, меѓутоа и од животните на човекот, така што преку внесување на овие инсекти во нашата околина, тие инсекти бидејќи ги пренесуваат овие болести, можат да ги пренесат меѓу животните и луѓето. Треба да бидеме подготвени дека некои болести кои биле егзотични за нашите подрачја дека почесто ќе се појавуваат поради зголемувањето на температурата“, заклучи Јанкулоски.