Поранешната министерка Гордана Јанкулоска денеска на барање на Обвинителството сведочеше на рочиштето “Плацевите на Водно”, односно за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски.
Таа од обвинителката Лиле Стефанова беше распрашувана за начинот на кој се финансирала ВМРО-ДПМНЕ, во насока да се докаже тезата на обвинителството дека Груевски парите за плацевите на Водно ги обезбедил од партиската каса.
Јанкулоска истакна дека таа може да зборува за периодот кога таа била генерален секретар на партијата, во периодот од 2004 до 2006 година.
– Партијата во тој период имаше сериозни потешкотии во обезбедување на финансиски средства. За разлика од регулативата која е денес, партиите да се финансираат од буџетски средства, тогаш не беше така. Тогаш се финансираше преку донации, односно на доброволна основа ги даваа физички лица, рече Јанкулоска.
Таа појасни дека дел од донаторите сакале да бидат анонимни.
-Донаторите беа прилично воздржани, бидејќи партијата беше во опозиција, па не сакаа јавно да се знае дека се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Па се случуваше донаторот да разговара со претседателот на партијата, да ја истакне волјата да донира, па претседателот ги договараше начинот и условите како можат да и помогнат на партијата, се присети Јанкулоска.
Таа истакна дека се случувало претседателот (како што го нарекуваше Груевски за време на сведочењето), да ја повика додека е на состанок со некој од донаторите.
-Тогаш ми кажувале дека тој и тој сака толку и толку да донира за партијата. Некогаш донацијата била дадена истиот ден, или се случувало да ги остават парите на претседателот ако не сум била таму.
Регулативата беше полабава. Се водеше неформална евиденција, но на некои им издававме и каса прими. Не беа големи суми, тие се користеа за тековно работење на партијата, за канцелариски материјали, бензин… сведочеше Јанкулоска.
Обвинителката Стефанова ја праша дали кога парите му ги давале лично на претседателот Никола Груевски, дали таа имала сознанија за висината на донираната сума?
-Јас имав евиденција за сумата која ќе ми се дадеше на мене, за тоа дали се договарала повеќе или помалку, тоа не знам, одговори поранешната министерка.
Таа на прашање одговори и дека во нејзината канцеларија имала два сефа.
-Да, имаше два сефа во мојата канцеларија, едниот беше голем, масивен, од 1,5 метри и мало сефче, како каса, и се чуваа парите кои се користеа на дневна основа. Големиот сеф практично не беше во функција, бидејќи не беше отворан. Ниту сум знаела шифра, ниту пак сум имала клуч, рече Јанкулоска.
Таа дополни дека, во старото седиште на партијата, имало повеќе сефови во повеќе канцеларии.
-Мислам дека имаше сеф и во канцеларијата на претседателот, рече Јанкулоска.
Судењето е во тек. Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.
Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница.
Валентина Вурмо