Екс министерката Гордана Јанкулоска, иако е осудена на правосилна затворска казна од 4 години, сепак ова не значи дека веднаш ќе оди зад решетки.
Таа, има право да побара одложување на почетокот на издржувањето на казната, бидејќи има бебе кое е помало од една година. Јанкулоска се породи минатат година кон крајот на јуни.
Исто така Јанкулоска може да се повика и на уште една одредба од Законот за извршување на санкции, односно на одредбата дека „е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште“.
Молбата за одлагање Јанкулоска може да ја поднесе во рок од три дена откако ќе го добие упатниот акт за во затвор.
-Откако ќе се поднесе молбата за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор решава судијата за извршување на санкциите, кој е должен да донесе решение во рок од три дена по приемот на молбата. Пред донесувањето на решението тој може да ги извиди и испита околностите наведени во молбата па така се до донесувањето на решението по молбата се одлага почетокот на извршувањето на казната. Откако ќе се донесе решението осуденото лице и надлежниот јавен обвинител имаат право на жалба до кривичниот совет на судот надлежен за извршување на санкцијата во рок од три дена од денот на приемот на првостепеното решение. Жалбата го одлага извршувањето на казната, предвидува Законот за извршување на санкции.
Исто така, Јанкулоска последната можност за спас може да ја бара и во Врховниот суд, со поднесување на вонреден правен лек, но и да бара одложување на извршувањето на казната, како што направи Владо Бучковски, кој и покрај правосилната пресуда никогаш не отиде во затвор. Во меѓувреме Врховниот суд ја укина пресудата за Бучковски и процесот почна од почеток.
В.В.