Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска по денешниот распит во Кривичниот суд изјави дека не се чувстува виновна и дека Специјалното јавно обвинителство е продолжена рака на СДСМ, посочувајќи дека тоа се докажало со досегашните активности на СЈО кое отварало предмети само против функционери од владејачката партија.
„Одговарам пред сите институции, не само пред судот“, изјави Јанкулоска по распитот за предметот „Тврдина„ на СЈО.
На прашањето дали како министерка во периодот кога е уништена опремата знаела за таквата акција, Јанкуловска изјави дека се работело за оперативна акција на професионалци во МВР оценувајќи дека би било неупатно да дава коментари за тоа.
Освен Јанкуловска, на распит треба да оди и началникот на Петта управа Горан Грујевски како и други осомничени во предметот „Тврдина“ за потоа да се донесе одлука дали ќе завршат во притвор.
Сите се товарат за уништување опрема за прислушување. Судијата Поп Стефанија, иако го оспори Специјалното јавно обвинителство сега со обвинител од таму ќе треба да ги сослушува осомничените по налог на судот. По одлуката на Поп Стефанија, Советот на судот го врати предметот на ново одлучување.
Грујевски, пред одлуката за аболиција од страна на претседателот Ѓорге Иванов, помина неколку дена во притвор, но потоа ова мерка му беше заменета со куќен притвор. По одлуката за аболиција тој беше ослободен, но по нејзиното поништување, случајот „Тврдина“ повторно влезе во судска процедура.