Јани Бојаџи: Киносалите ме бојкотираат, а власта ме товари за ширење национална омраза

by fokus

Денеска ми судеа мене според шеријатското право, без мое присуство. Шеријатско право е кога маж оди на суд за да сведочи во име на жената, без нејзино присуство, тоа ми го направија и мене, вели режисерот Јани Бојаџи, кој не бил повикан денеска во граѓанскиот суд во Скопје во врска со предлогот на Државниот правобранител по барање на Министерството за култура да се забрани прикажувањето на неговиот филм „Ругање со Христос“.

Бојаџи обвинува дека власта применува фашистички методи и ги злоупотребува институциите за да воспостави цензура врз неговото дело. Им порачува на надлежните да го гледаат филмот пред да го судат.

-Судат дело без присусуство на авторот. Судат нешто што не го виделе. Ова го нема никаде во светот, однесоа на суд сценарио што е идеја за филм, а не самиот филм. Тоа е исто ако вие изградите дивоградба и наместо да ја рушат куќата, го рушите архитектонскиот план – вели Бојаџи за „Фокус“.

Режисерот вели дека против него се води хајка бидејќи, како што вели, не припаѓа на црвената буржоазија и не се потчинува.

-Не сум дел од ниту една каста која управува со децении со државата. Јас сум пролетер, уметник, работник. Се борам против луѓето кои ја управуваат државата, без разлика во било кое време. Оние кои сега ме напаѓаат беа клиенти кај Никола Груевски, правеа филмови финансирани од Агенцијата за филм и одеа кај него во кабинет – вели тој.

Државниот правобранител го повлече барањето за забрана на неговиот филм, но и понатаму се водат постапки против него. Бојаџи вели дека против него е поднесена кривична пријава за ширење на меѓунационална и верска омраза, но поради напишаното сценарио, а не филмот.

-Има неколку инспекции кои вршат контроли и повеќе од два месеци немаат најдено ништо. Редовно прават увид во моето финансиско работење – додава тој.

Филмот вечерва ќе се прикажува во Штип, но после тоа е неизвесно дали публиката ќе може да го погледне. Бојаџи вели дека претрпува бојкот од киносалите.

-Речиси сите кина во Македонија каде се прикажуваат филмови се сопственост на Министерството за култура, а нивните директори се именувани од министерот. Сите во еден глас ми соопштија дека за мојот филм немаат слободен термин, а приватните киносали се плашат. Сепак ќе продолжиме да инсистираме и да бидеме упорни – додава тој.

Поврзани новости