Поради недостатокот на јасна програма за пречек на Новата година Градот Скопје не е доволно конкурентен со останатите метрополи и поголеми градови во регионот, оцени денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.
-Во 2022 година недостасуваат организираните тури, но и поголема не само промоција на Скопје како главен град, туку како бизнис центар кој треба да функционира во текот на 12 месеци. Има и недостаток на манифестации и на јасна програма за пречек на Новата година и кои ѕвезди ќе настапат. Поради тоа нашите туроператори беа оневозможени да го промовираат и да го стават Скопје во нашата програма за пречек на 2023 година, рече Јаневски во одговор на прашање на денешната прес-конференција.
Нагласи дека доколку се направи компарација со Ниш може да се согледа дека Ниш уште во ноември знаеше кој ќе биде на плоштадот за Нова година, која е програмата и, како што посочи, уште на крајот на ноември беа распродадени комплетните сместувачки капацитети.