Она што се случува во претпријатието изминатите две години е целосно крахирање на системот и функционалноста на претпријатието. За ваквата состојба никако не може да се обвини Советот на Град Скопје, бидејќи ние сме локална законодавна власта во градот. Извршната власт во градот се градоначалникот и директорот на ЈСП односно менаџментот на ЈСП, вели советникот во Советот на Град Скопје од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Филип Јаневски на денешната вонредна седница.
Јаневски посочи дека во извештаите има ставки за договорни услуги од 200.000 евра, за нематеријални трошоци од 350.000 евра, потенцирајќи дека нејасно е каде се потрошени тие пари.
„Ние како локална законодавна власт вршиме контрола врз извршната власт. Затоа вие кога нас ни велите, не можеме за извештајот да поставуваме прашања, тоа е нелогично, бидејќи ние сме тука да дискутираме за извештаите на сите претпријатија и да поставуваме прашања за нејаснотите и нелогичностите кои ги има во тие извештаи. Велите дека истата форма била на извештаите децении наназад. Но, тоа не е точно. Првиот квартален извештај има различна форма, вториот квартален извештај има различна форма. Таму имате ставки кои велат 12 милиони денари договорни услуги, кои се тие договорни услуги од 200.000 евра. Што се договарате толку за 200.000 евра? Пишува други нематеријални трошоци 21 милион денари или 350.000 евра. Кои се тие други нематеријални трошоци од 350.000 евра? Тоа се тие прашања за кои ние бараме одговори, бидејќи е нејасно каде се потрошени тие пари, истакна тој.
Јаневски потсети дека советниците до сега за ЈСП изгласале помош од 12 милиони евра, укажувајќи дека на седницата на 14 ноември, директорот рекол дека тие 2 милиони евра кои ги изгласале во советот ќе бидат доволни за исплата на ноемвриската и декемвриската плата.
„Што се однесува за грижата за вработените во ЈСП, да ве потсетам ние на 14 ноември имавме деветта вонредна седница на која што изгласавме дополнителни 2 милиони евра за субвенции за ЈСП, на што директорот ни кажа дека тие ќе бидат за декемвриските плати. Првично дадовме 10 милиони евра, па дадов 2 милиони евра и ни беше ветувано дека со тие пари целосно ќе се покрие годината и ќе се заврши. А сега ни кажувате дека декемвриската плата не ја земале. И сега се поставува прашањето како успеавте да го доведете претпријатието до ова дереџе, праша Јаневски.
Јаневски нагласи дека во време на Коце Трајановски субвенциите за ЈСП биле 150 милиони денари, додека сега со Данела Арсовска субвенциите се 750 милиони евра, или 600 милиони денари повеќе.