Пакетот закони кој се однесува на образованието се носи демократски и инклузивно, затоа што наша цел е да ја подобриме регулативата како основа за темелни промени на воспитно-образовниот систем и поквалитетно образование. Затоа во комисиската расправа досега прифативме четири амандмани на опозициската СДСМ и два на Коалицијата ВРЕДИ, кои ќе ги подобрат текстовите на законите и се во интерес на учениците, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа додаде дека и повлекувањето на предлог-законот за средно образование ја покажува решеноста на Министерството за образование и наука да добиеме закони кои ќе бидат широко прифатени, како одраз на потребите учениците, наставниците и целото општество.
„Граѓаните треба да имаат доверба дека Владата и Министерството, како предлагачи на законите, се подготвени да ги ислушаат и прифатат конструктивните предлози од сите засегнати страни, вклучително и опозициските партии, граѓанските организации и јавноста, и конечно, сите заедно да изградиме образование какво што заслужуваат нашите деца“, рече Јаневска.