Проблемот со учебниците трае неколку години односно откако поранешната министерка Мила Царовска дефакто ги укина учебниците и ги забрани за тие да бидат дигитални. Но и дигитални учебници никогаш не добивме. Сегашниот министер после долго размислување и под притисок на јавноста одлучи да печати учебници, објаснува Весна Јаневска, претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за „Република“.
„Иако тој рече нема пари, пари за сѐ може да нема но за учебници мора да има. Особено што и законот за основно образование го обврзува министерството да достави учебници на први септември. Се појавија проблеми и со пишувањето на учебниците а потоа и со рецензијата. По концепцијата на Царовска, Бирото доцна ги изготуваше програмите. Факт е дека за да се направи еден добар учебник не може да биде за еден месец. Авторите кои се нафатија да пишуваат по нарачка направија голем број грешки кои после мораше да се повлекуваат и дупло да се трошат средства. Рецензентските комисии беа исто така притиснати брзо да ја сработат работата што е неможно и затоа се појавија грешките и дел од солидните рецензенти се откажуваа затоа што се чесни луѓе и сакаат да ја сработат работата како што треба. Проблем има и со јавните повици или тендери. Се објавува тендер па од непознати причини се повлекува без образложение или со образложение кое не држи. Се говори дека има фаворизирани фирми. Најсериозно е тоа што сите институции одговорни за печатењето на книгите не си ја сфатија сериозно работата“ вели Јаневска.
Таа потсетува дека не недостасуваат учебници само од шесто одделение.
„Недостасуваат повеќе учебници. Недостасува математика за трето одделение, скоро сите учебници за шесто одделение. Бирото за образование на својата веб страна објави материјали за учење. Ги нарекоа материјали за учење за да не го прекршат законот кој вели дека на први септември треба да има учебник. Сега ова наводно е помошно средство за учениците. Овие материјали за учење ги објавија на веб страната па родителите во „бесплатното“ македонско здравство ги печатат во фотокопирници. А, министерката Царовска и тоа го забрани па ги казнуваше фотокопирниците. После ќе се прашуваме зошто нашите деца не постигнуваат резултати на тестирањата-еве зошто“ појасни Јаневска.
Одговорноста, според неа, е кај рецензентската комисија, кај Бирото за развој и кај Нациолналната комисија.
„Јас се сомневам дека никој не го погледнал учебникот. Рекоа дека повлекувањето на учебникот со грешки ќе чини од 200 до 300.000 евра и одговорност за никого нема. Од парите од буџетот од граѓаните потрошивме за ништо, за нешто што ќе се фрли во ѓубре“ обвини таа.
Според Јаневска, штетата која на направи поранешната министерка Царовска во образованието е огромна. Предупреди дека и кога ќе се смени власта повторно може децата да останат без учебници, а тоа, како што нагласи, нема да биде по вина на ВМРО-ДПМНЕ.