Јаневска за РСЕ: Откриени нерегуларности на универзитетите во Струга, Тетово и Охрид

by Fokus

На Тетовскиот универзитет утврден е нелегален избор на двајца наставници, нерегуларности има и на „Апостол Павле“ и во Струга, открива министерката за образование, Весна Јаневска во интервју за Радио Слободна Европа. Образованието заслужува оценка единица, вели Јаневска и најавува нови наставни методи.

Поминаа повеќе од сто дена од вашиот мандат, ако треба да дадете генерална оценка за состојбата што ја затекнавте во образованието од 1 до 5, која оценка би ја дале?

Повеќе пати сум кажала дека состојбата беше навистина многу лоша и единица би било соодветна оценка, ако треба да се оценува. Затекнавме огромни, огромни долгови кои сè уште ги исплаќаме и сè уште не можеме да се справиме со тоа, иако поминаа, речиси четири месеци. Но, покрај тоа, затекнавме состојби нерешени и напластувани со години. Немање на учебници, неподготвеност за 1 септември, неисплатени стипендии, значи комплетно запоставен студентски стандард, комплетно запоставен ученички стандард, започнати проекти и застанати во одреден подолг период без причина, неисплатени награди, неисплатени обврски кон истражувачите кои објавувале во списанија со импакт-фактор…

Ги споменавте учебниците како еден од проблемите што ги затекнавте. Деновиве го објавивте новиот закон за учебници на ЕНЕР. Досега кај нас секој септември беше вест дали има учебници или нема. Дали новиот закон конечно ќе ги реши проблемите? Знаеме дека имаше проблеми со неодобрување на учебниците, преносот на авторски права итн.

Од информациите кои ги добив во моментот кога новата власт настапи со сопственото владеење, да, имате информации и вие дека имало сериозни проблеми, а тоа е немање автори, немање на рецензенти, неквалитетни книги, неодобрени книги или одобрени од Бирото за развој на образованието, неодобрени од рецензенти и обратни ситуации. Како и да е, што и да било, учебници немаше. Со новиот закон се обидуваме да го подобриме процесот за никогаш повеќе да не дојдеме до ситуација на 1 септември да немаме учебници. Покрај овој закон, ние носиме и други пет закони кои треба да се носат отприлика во исто време и јас искрено се надевам дека со новиот закон ќе постигнеме и подобар квалитет на учебници, но и навремено снабдување со учебници.

Премиерот, пред неколку дена изјави дека завршиле инспекциските надзори во дел од универзитетите. Може ли да кажете што е утврдено? Какви пропусти?

Во универзитетите и високообразовните установи, да постојат одредени проблеми и недостатоци кои ги утврдуваме со тоа што процесот, за жал, сè уште не е комплетиран туку ние постепено утврдуваме една по друга нерегуларност.

Да, имаме нелегален избор на двајца наставници на Тетовскиот универзитет и таму инспекцискиот надзор сè уште трае. Имаме проблеми на универзитетот „Апостол Павле“ и таму се утврдени нерегуларности. Имаше сериозен проблем на универзитетот во Струга, таму го затворивме смерот за медицински науки.

Тоа се повторно процеси коишто траат и кои сè уште се во фаза на анализа затоа што и Законот за просветна инспекција дава одредени насоки како треба да се работи. За некои пропусти се вели дека треба да се отстранат во одреден рок, потоа Државниот просветен инспекторат оди да провери дали се отстранети или не се. Повторно ја прави проверката, ако се отстранети следи нов извештај. Ако не се отстранети следат некакви пенали и во моментов за два случаи имаме т.н. порамнување кога универзитетот треба да плати казна. Порамнувањето го прави МОН за казната да биде помала. Значи во моментот се случуваат такви два процеси. Затворивме два научни институти и мислам дека во брзо, во најскоро време, ќе затвориме уште два.

Ќе се затворат ли универзитети?

Во овој момент не можам да тврдам дека ќе се затворат, но инспекцискиот надзор ќе каже што ќе треба да се направи тогаш кога ќе биде завршен – рече министерката Јаневска во интервјуто.

Поврзани новости