Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува сите училишта во Скопје да имаат парно греење.
Ова следи по вчерашната изјава на градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, дека грејната сезона нема да почне во училиштата што се под нивна надлежност, бидејќи од министерството му рекле дека немаат пари за покривање на долговите за греење.
„Министерството за образование и наука дава блок-дотации до општините и тие се исплатени и нема што дополнително да даваме. Работа на градоначалниците и на директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат не само грејната сезона, туку сè друго што треба“, изјави Јаневска.
Според Јаневска, градоначалникот Стевчо Јакимовски е многу способен, па таа се надева дека тој ќе најде начин да ги затопли училиштата.
„Очекувам сите училишта да имаат греење затоа што не е возможно без греење да се учи, така што верувам дека градоначалникот, кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата. Во другите општини не сум слушнала дека има проблем“,
рече Јаневска.
Таа вели дека доколку Јакимовски има некакви дополнителни барања треба да се обрати таму каде што треба, а не до МОН.
Јакимовски вчера изјави дека ЕСМ нема да испорачува топлинска енергија во училиштата поради долгот што Општината го има кон компанијата. Тој ја повика Владата да ги обезбеди средствата за долгот кој изнесува 8 300.000 денари и да го плати затоа што, како што рече, локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
Од „ЕСМ – снабдување со топлина“ вчера информираа дека грејната сезона во училиштата во Карпош ќе почне на 1 ноември и оти тоа е на барање на Општината.