„Образовниот систем во државата го допре дното и за тоа веќе имаме потврда и од ОЕЦД како најрелевантна меѓународна организација која ги мери знаењата на учениците. Резултатите од последното ПИСА тестирање спроведено во 2022 година, зажал се катастрофални. Значително намалени во однос на резултатите постигнати на претходното тестирање во 2018 година. За потсетување, ПИСА го мери нивото на јазична писменост, односно читање со разбирање, математичка писменост и писменост во областа на природните науки кај учениците на 15 годишна возраст“ рече денеска на прес-конференција Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа вели дека „Македонија е на дното на ранг листата и во конкуренција со земјите од т.н. трет свет. Или поточно, од вкупно 81 земја кои биле дел од тестирањето, се наоѓаме на 71 место во читање со разбирање, на 68 место по знаења од областа на природните науки и на 61 место по постигањата во областа на математиката. Во сите три области нашите ученици постигнуваат значително потпросечни резултати“.
„Ова е резултат на неспособните кадри на СДС и ДУИ. Ова е исходот на непромислените и насила направени промени во образовниот систем во изминатите 7 години, почнувајќи од Рената Дескоска, Арбер Адеми, Мила Царовска, па се до актуелниот министер Јетон Шаќири. Секој со свои лични интереси, не водејќи грижа за тоа каде претходниот запрел. И така, постојано се случуваше се да почнува од почеток, со многу нелогичности, но и со рок на важност од околу година и 2 до 5 месеци, на колку и време Владата ги менуваше овие министри, етикетирајќи ги како некорисни, односно неефикасни и неефективни“ порача Јаневска.