Јаневска: Подигнување на еколошката свест на учениците и енергетски ефикасни училишта и домови, за почист воздух

by Fokus

Квалитетот на воздухот во просториите на градинките и училиштата влијае врз физичкото и менталното здравје на децата и младите, врз нивните когнитивни функции и продуктивноста, како и на ефективноста на професорите. Затоа сите реконструкции и нови градби кои ги одобрува Министерството за образование и наука, задолжително се енергетски ефикасни, со што се намалуваат емисиите на штетни гасови и се заштитува животната средина, рече ресорната министерка Весна Јаневска на панел-дискусија за подобрување на квалитетот на воздухот со цел креирање безбедна, креативна и продуктивна средина за учење, што се одржа денеска во Скопје. На дискусијата и претходеше презентација на резултатите од истражувањето на квалитетот на внатрешниот воздух во пет училишта и пет градинки во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

„Како држава во развој, се соочуваме со ограничени ресурси. Но, со добро планирани и применети мерки за заштита и подобрување на квалитетот на воздухот и со вклучување на сите засегнати страни – локалните самоуправи, училиштата, родителите, учениците и општествено одговорните компании, можеме да постигнеме добри резултати“, посочи министерката.

Капиталните инвестиции во 36 училишта што се во тек како и проектот за реконструкција на сите студентските домови во современи и енергетски ефикасни објекти, се дел од активностите кои ќе резултираат со подобар квалитет на воздухот. Во моментов градежни активности се одвиваат во „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, кои ќе добијат нови фасади, фотоволтаици и екосистеми за греење. За овие проактивните мерки за почист воздух во Буџетот за 2025 за Образование се алоцирани посебни финансиски средства.

„Она на што посебно ќе посветиме внимание е подигнување на еколошката свест на децата и младите, преку наставни и воннаставни активности. Едукацијата за загадувањето и за влијанието на нашите постапки врз човековата околина и квалитетот на воздухот, од рана возраст, гради одговорни граѓани, кои доживотно ќе се грижат за почиста животната средина“, рече министерката Јаневска.

Поврзани новости