Министерката за образование и наука – Весна Јаневска, денеска, во изјава за државната МИА рече дека освен наставниците и професорите, покачување од пет проценти ќе добие и другиот кадар во образовниот систем.
Јаневска вели дека постигнатата спогодба за покачување е оптимална и е направена врз основа на можностите на Буџетот, бидејќи, како што рече, претходната власт го оставила Буџетот во крајно незавидна состојба.
– И другиот кадар во образовниот систем ќе добие зголемување од пет проценти. Постигнавме спогодба, која всушност Буџетот во овој момент ја овозможува, тоа беше оптимална спогодба, затоа што повеќе пати кажавме дека Буџетот кој ни го остави претходната власт беше во крајно незавидна состојба. Искрено се надевам дека наставниците и останатиот персонал во училиштето ќе биде задоволен од заложбите кои ги направивме, затоа што тоа беа сериозни напори, рече Јаневска.
Она што е важно, додаде, е дека со договорот се обезбедува континуиран раст на платите на наставниците и останатиот персонал, а истиот ќе биде дел од Колективниот договор кој треба да се потпише во февруари.
„Во овој наш договор, всушност, зборуваме за повеќегодишен договор во кој се обезбедува континуирано покачување на платите на наставниците и останатиот персонал, кое е во времетраење од четири години, и ќе биде дел од Колективниот договор, кој ќе го потпишеме во февруари“, порача министерката.