Со измени на Законот за високо образование и со поголем ангажман на универзитетските професори, може да се подобри квалитетот на високото образование а потоа и академското рангирање на македонските универзитети, рече министерската за образование и наука Весна Јаневска во интервју за новинската агенција „Мета.мк“.
Министерката посочи дека измените на Законот ќе дадат одредени услови за постоењето и функционирањето на универзитетите, но ќе се прецизираат и обврските на научниот и образовниот кадар во високото образование.
„Јас сум професор и не би сакала никој погрешно да ме сфати. Да, универзитетските професори треба да имаат високи плати. Но, не можеме да продолжиме да бидеме рамнодушни кон она што Шангајското рангирање го бара. Таму има многу елементи, а еден е научната работа на професорите. Имаме и посебни научни институции, но сите високообразовни институции се обврзале дека ќе се бават и со наука. А ако сте се обврзале да исполнувате одредени услови за да има напредок на државата, треба и да ги остварувате“, укажа министерката Јаневска.
Она што како држава и како Министерство го очекуваме од универзитетските професори е повеќе да се ангажираат во сите нивни области: во образованието, во науката, во истражувањата, рече министерката, додавајќи дека треба поголемо вклучување во мрежите на ЕУ, посветување внимание на домашни и меѓународни проекти, како и поголемо поврзување на академската сфера со стопанството и со бизнис-секторот.
Министерката ја акцентираше важноста на прилагодувањето на студиските програми на пазарот на трудот, за да можат младите кои ќе ги завршат, да најдат работа во земјата.
„Државата треба да има увид во тоа што се случува за да може долгорочно и стратешки да планира. Не смее да продолжи праксата да бидеме извозник на нашето најголемо богатство, ама без пари. Затоа, со податоците на Агенцијата за вработување, Заводот за статистика и другите државни органи, со анализата на Министерството за образование и наука, во соработка со стопанските комори и бизнис-секторот, ќе направиме сериозна анализа за тоа кои кадри ги имаме премногу а кои ни недостигаат, по што ќе можеме да ги насочиме младите кон дефицитарните струки, за да имаат некаква гаранција дека откако ќе завршат, ќе можат во државава да се вработат“, рече министерката Весна Јаневска.