Јаневска: На 1. септември учебници или материјали за учење ќе има по сите предмети за основците, со исклучок на странските јазици

by Fokus

Освен учебниците по странски јазици, кои ги нема неколку години наназад и за кои последниот тендер спроведен од претходното раководство е во жалбена постапка, учениците и наставниците во основните училишта на 1 септември ќе имаат учебници или материјали за учење за сите други предмети.

Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска во утринската програма на тв Канал 5.

Таа соопшти дека дел од учебниците се веќе дистрибуирани, а дел се печатат и, според договорот со печатницата, на 1 септември треба да бидат во училиштата.

– За жал, затекнавме и предмети по кои нема учебници, иако претходната Влада ја информираше јавноста дека се обезбедени. Ги посочив странските јазици, но и предметите за јазикот и културата на заедниците за кои во најголем дел поради лошиот квалитет на предложените учебници, истите не се одобрени. Но, направивме напори и за нив да обезбедиме материјали во дигитална форма кои учениците ќе можат да ги користат, рече Јаневска.

Таа додаде дека се работи на враќање на Историја како посебен предмет во македонското образование, затоа што, според мислењето на домашната и светската експертска јавност, историјата е национален предмет со исклучително значење. Како што рече, на часовите по Историја се учат факти за случувања и личности, но предметот побудува и патриотизам и лојалност кон сопствената држава „и затоа треба да му се посвети посебно и повеќе внимание низ образовниот систем“.

Информираше дека со Министерството за култура и со Бирото за развој на образованието се дискутира за можностите за поддршка на домашни анимирани серии, филмови и едукативни емисии соодветни на возраста на учениците, како и сликовници и книги за успешни личности, за географски локалитети и слично, кои би можеле да бидат дел од формалниот воспитно-образовен процес.

Поврзани новости