Јаневска: Крајно неразумно е да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години

by Fokus

Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува пратениците од Демократската унија за интеграција (ДУИ) да го поддржат предлог-законот за средно образование за кој на комисиска расправа во Собранието искажаа забелешки во однос на интонирање на државната химна во училиштата и најавија амандмани на предлогот кој треба да премине во втора фаза од донесувањето.

Според Јаневска, „крајно неразумно е да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години“. Пред да замине на собраниска седница на која е на дневен ред овој предлог, министерката изјави дека жали што тоа се случува по долго очекување на овој и уште шест други закони од областа на образованието.

– И во овој момент ништо друго не се дискутира освен химната што не е предмет за дискусија. Па оттука, можам да речам дека е комплимент за Министерството што не е најдена друга мана, но сметам дека е крајно неразумно да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години, да не може да се имплементираат новините кои државава ги очекува минимум седум години, а очигледно и повеќе, поради една таква дискусија. Денес е Законот на дневен ред на собраниска седница. Се надевам дека пратениците на ДУИ ќе најдат сили да ја надминат политичката ситуација или за нив политичката некаква вредност која де факто и не е вредност и ќе соберат сили да го изгласаат законот после второто читање, се разбира, рече Јаневска.

Поврзани новости