Унапредувањето на инклузивното образование е програмска определба на новата Влада, а лично ќе се заложам децата со посебни образовни потреби да не се идентификуваат со нивната дијагноза, туку со потенцијалите што со помош на образованието ги развиле, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето на настанот „Разговори за еднаквост“ што го организира Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Иклузивното образование е сериозен, повеќеслоен предизвик, што бара посветена и тимска работа а пред се целосно согледување во каква состојба е во моментов, посочи министерката Јаневска, укажувајќи дека потоа Министерството за образование и наука ќе носи конкретни решенија, за кои јавноста ќе биде транспарентно и навремено информирана.
„Во овој процес, прв наш партнер ќе бидат родителите, кои во изминатиот период, во секоја пригода јасно кажуваа дека од државата не очекуваат сожалување туку конкретна поддршка за да обезбедат напредок на своите деца. Не смее да продолжат политиките кои од образованието место можност направија пречка за напредок на овие деца. Затоа ќе ги вклучиме и практичарите-наставниците, стручните служби, образовните асистенти, имаме специјализирани институти, сите заедно можеме да изградиме поквалитетно инклузивно образование“, рече министерката.
Говорејќи за образовните асистенти, Јаневска најави зголемување на нивниот број, како и подобрувања кај средното образование за учениците со попреченост. На учениците со комплексни потреби, средното образование ќе им овозможи развивање животни вештини и оспособување за работа согласно нивните можности и афинитети.
„За да ја зголемиме инклузијата кај уште една ранлива категорија – децата Роми, за нив ќе ја продолжиме и зголемиме поддршката, така што ќе обезбедиме поголем број образовни медијатори како и ученички стипендии“, рече министерката Јаневска. Осврнувајќи се на потреба од поголема инклузивна култура во општеството во целина, Јаневска нагласи дека тоа е процес за кој треба време.
„Затоа ве повикувам и вас како Комисија, како и сите што би сакале да видат позитивни промени, да бидат дел од нив, да вложат во промените што сакаат да ги видат“, рече министерката за образование и наука, додавајќи дека Министерство и таа лично упорно ќе работат за достоинство и благосостојба на децата и лицата со посебни потреби.