Јаневска: Ќе нема недостиг од учебници, со новите закони и нови модели на полагање матура

by Fokus

Има многу фронтови на кои истовремено продолжуваме да работиме. Изминатите шест месеци покажаа дека може да се постигне и да се надомести дел од тоа што е загубено. Продолжуваме со исто темпо да работиме и во следните месеци и не само да го надополнуваме она што е пропуштено, туку и да фатиме чекор на нормална работа која ќе придонесе за подобар квалитет на сите нивоа на образование во државата, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Во изјавата за медиумите по средбата со претставници на студентите и средношколците, министерката рече дека тековно ќе се распишуваат огласи за учебници односно ќе нема недостиг на учебници, потсетувајќи и дека на крајот на Годината беше донесен Законот за учебници во основното и средното образование.

-Веќе се направени новите правилници, треба само да се потпишат и објават. Направена е анализа за учебниците за кои авторските права се по стариот закон и на оние кои треба да ги добиеме по новиот закон, рече Јаневска.

Соопшти дека на крајот на овој месец МОН ќе распише оглас и за учебници по странски јазик кои недостигаа на почетокот на оваа учебна година и, како што рече, „за сите други учебници кои им се потребни на учениците“.

Во плановите за 2025 е и продолжувањето на континуирано и постепено воведување на едносменска и целодневна настава и оптимизација на мрежата на училиштата.

Посочи и на новите модели на полагање на матурата што ќе биде олеснување на учениците од стручните училишта кои досега за матура требало да се спремат за материјал кој не го изучувале во текот на четири години.

-Во средните стручни училишта ќе полагаат средно стручна државна матура соодветно на општообразовните предмети коишто ги слушаат по наставен план и програма, и тој е помал од оние во гимназиските. Гимназиските ќе си полагаат гимназиска државна матура и на тој начин и едните и другите ќе можат, доколку сакаат, да се запишат во странство. Оние што ќе полагаат средно стручна матура ќе можат без приемен испит да се запишат на сродните нивни факултети. На пример, од електро-машинско училиште – и на Машински и на Електро. Но, ако сакат да се запишат на Медицински, на Филозофски или на друг таков факултет, тие ќе треба да полагаат државна гимназиска матура. Одлуката е нивна, изјави Јаневска.

Посочи и дека ќе направат „силни напори“ матурата оваа година да биде „спроведена регуларно и по закон“, затоа што, рече, матурските оценки од разни причини досега „не беа сосема реални“. За таа цел, оваа година матурата ќе биде во најголем дел организирана во амфитеатрите на универзитетите, освен во помали училишта во кои матурата ќе се организира во нивните простори.

Поврзани новости