Јаневска: Интерес на државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни универзитети, но целта е да се вратат дома

by Fokus

Силно го поддржувам ЕУ концептот за преминување од „одлив на мозоци“ кон „циркулација на мозоци“. Ова значи дека студентите и професионалците кои стекнале знаења и вештини во странство, се охрабруваат да се вратат во нивните матични земји. Интерес на нашата државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни странски универзитети, каде што се споделуваат врвни технологии, иновации и најдобри практики. Сепак, нашата крајна цел останува тие да се вратат дома, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на Саемот за студии во Франција.

Според Јаневска, со стекнатите знаења и вештини надвор, младите можат многу да придонесат за технолошкиот напредок и да го поддржат севкупниот раст на нашата економија.

– Уверена сум дека новата Влада со стимулативни мерки ќе ги поттикне завршените студенти во странство да се вратат дома и да учествуваат во градењето на иднината на својата земја, потенцира министерката.

Франција, напомена, има реноме како една од водечките светски дестинации за високо образование, со универзитети рангирани меѓу најпрестижните во светот.

– Тоа го постигнуваат со иновативните студиски програми кои комбинираат теоретско знаење и практична примена, како и со вклученоста во современи истражувања. Привлечноста ја прават не само можностите за личен и професионален раст на студентите, туку и богатата културна понуда на француските универзитетски центри. Министерството за образование и наука ја поддржува образовната мобилност, и за студирање на реномирани странски високообразовни установи доделува и стипендии, дополни Јаневска.

Поврзани новости