Јаневска апелира наставниците да ги користат исклучиво службените електронски адреси креирани од МОН

by Fokus

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес-конференција апелираше до наставниците и другите вработени во училиштата за комуникација да ги искористат исклучиво службените електронски адреси кои се креирани од МОН, и со двојна автентикација.

„Препорачуваме секаде во учичиштата согласно можностите, да биде ангажирано физичко обезбедување и да се постави видео надзор. Самите училишта да бидат претпазливи кој и како влегува во објектите“ рече Јаневска.

По дојавите за поставени експлозивни направи во основните и средни уличишта низ државата, Јаневска рече дека во координација со повеќе институции формирале меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата и преземање на мерки за одржување на безбедноста во училишните објекти на соодветно ниво. Таа додаде дека сите дојави се лажни.

„Направени се проверки во училишните објекти а учениците се вратени на настава. Благодарам на полицијата и на сите други служби за посветеноста и брзата интервенција кон најмладите и истовремено жалам што некој се поигрува со нашите деца и ја вознемирува јавноста. Училиштата во случај на понатамошни дојави за експлозивни направи треба веднаш да пријават во МВР и да ги следат упатствата и протоколите кои ќе ги добијат од стручните лица од министерството“, посочува Јаневска.

Утрово на службените мејлови на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата добиени се дојави за поставени експлозивни направи.

Поврзани новости