Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за време на својот мандат зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, објави Призма повикувајќи се на информации од базата „Отворени финансии“.
Целосните примања на Јанева беа предмет од особен интерес на јавноста уште од самото формирање на СЈО, меѓутоа тие официјално не можеа да бидат потврдени бидејќи обвинителството дел од примањата ги класифицираше како таен податок.
Министерството за финансии завчера преку базата ги објави сите буџетски трошоци од 2010 година наваму, освен основните плати на вработените во администрацијата и затоа не може да се дојде до официјална информација за висината на личниот доход на Јанева.
Најголем дел од дополнителните средства таа ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“, а земала и надоместоци за кирија и за тоа што работела вон градот во кој живее.
Инаку, додатокот за доверливост е предвиден со Законот за СЈО, а Јанева со посебна одлука лично го одредувала износот.