Шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, во вчерашното гостување на 1ТВ зборуваше и за претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
-Немам доверба во тоа лице, во таа особа која е на чело на Врховниот суд. Не го ни почитувам како професионалец и судија, избегнувам средби со него – рече Јанева.
За Вангеловски таа додаде дека неговиот глас се јавува во дел од „бомбите“ и дека во тие разговори кои ги има СЈО, се потврдува политичкото влијание врз него.
– Како што беше наведено во посебниот извештај на СЈО, извршната власт најмногу се „мешетареше“ меѓу судиите од Врховниот суд. Тие разговори се присутни и се однесуваат за активни предмети кои се уште се водат. Во дел од „бомбите“ го имаме неговиот глас, каде се потврдува дека тој се однесува на тој начин. Се чудам како до сега поради моралниот интегритет на Вангеловски, не даде оставка. Не сакам да ја замарам јавноста со моето искуство, но тој не постапува професионално и манипулира со јавноста – рече специјалната јавна обвинителка.
Во врска со истрагата за поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, Јанева вели дека предистрагата е во полн ек и од форензичката лабораторија во Германија е доставен и вториот телефон за кој СЈО барал вештачење.
-Истиот е предмет на анализирање на пораките. За сега има импликации, колку што сум известена од тимот, за злоупотреба на службената положба и овластување во моментот кога бил претседател на судот – рече таа.