Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ја известува јавноста дека на состанокот на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и европаратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан разговарано е за повеќе прашања од значење за нивната работa. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
Укажано е на потребата од измена на Законот за заштита на сведоци во делот на определување на надлежност и на ова Јавно обвинителство. Во периодот што следи, ќе пристапиме и кон изготвување на предлог измени и благовремено ќе ја информираме јавноста за прашањата од интерес.
Воедно, на состанокот со европратениците укажано е и на недоволната соработка на Судот со ова Јавно обвинителство. Појаснуваме дека ваквото укажување е резултат на новата пракса која Судот сака да ја наметне во случаите кога се барани предмети на увид од страна на ова Јавно обвинителство. Во конкретниот случај, не станува збор само за предметот „Пуч“, кој е во фаза на главна расправа, туку од Судот на увид побарани се и архивирани предмети (како на пример предметот познат во јавноста како „Изборна кампања“, предметот за убиството на Мартин Нешковски, како и други предмети од интерес на ова Јавно обвинителство).
Притоа согласно досегашната пракса на Судот, на барање на јавните обвинителства вакви предмети биле доставувани на увид, што е видливо и во еден од предметите во кој беше извршен увид. Сепак на барањето на ова Јавно обвинителство одговорено е дека е потребно увидот во списите на предметите да биде извршен во Судот, што од наша страна и беше направено. Изразуваме убедување дека во иднина Судот ќе пристапи кон соработка со ова Јавно обвинителство, бидејќи во законските одредби пропишана е обврска за соработка на сите органи и лица со јавното обвинителство, кога се работи за откривање на кривични дела и обезбедување на докази.
Во изминатиот период предмет од интерес за јавноста беше и начинот на примање на материјалите од политичката партија СДСМ и начинот на постапување на ова Јавно обвинителство. Во оваа насока ја уверуваме јавноста дека целокупното постапување на ова Јавно обвинителство е согласно законските прописи и околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање на материјалите не е пропуст во смисла на законските одредби. Појаснуваме дека се работи за материјал предаден на барање на јавниот обвинител, чија содржина е од сензитивен карактер и како таква подлежи на дополнителни проверки, класификација и постапување, а имајќи ги предвид законските одредби со кои се регулира класификацијата на информациите и заштитата на приватноста. Поради сето наведено, во овој момент не сме во можност да соопштиме повеќе податоци за примените материјали, но ја уверуваме јавноста дека ќе биде информирана за сите детали поврзани за примените материјали во моментот кога нема да постојат законски пречки за такво постапување.