Катица Јанева преку амандмани на постојниот Закон за заштитени сведоци ќе бара да ѝ се олесни користењето ваков вид сведоци. Истовремено, со амандманите се бара во законот да фигурира и Специјалното обвинителство за тоа да може да предлага и да бара заштита на одредени сведоци, потврдила за Мета портпаролката на Специјалното јавно обвинителство, обвинителката Ленче Ристовска.
Ова прашање се наметнува како важно затоа што во пресрет на првите обвиненија, Специјалното обвинителство ќе мора да обезбеди сведоци, пред се заштитени. Преку нив може да се стигне до главните нарачатели и извршители на криминалот. Со оглед дека веќе многумина пројавуваат интерес да сведочат, а од некои веќе се обезбедени и писмени изјави, неопходни се ваквите законски измени за да може обвинителството ефикасно да ја исполни задачата за која е формирано.