Нема докази дека обвинетите во предметот „Сопот“ го сториле кривичното дело што им се става на товар, порача специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по завршувањето на постапката за предметот Сопот.
-По севкупна анализа на доказите изведени на главниот претрес и од „бомбите“ што ги имавме и анализите што ги правевеме во доказите што ги прибравме во предистражната постапка сметавме дека е праведно денеска да го повлечеме обвинението – изјави Јанева.
Дел од предметот, рече таа, се уште е во предистражна постапка. СЈО добива меѓународна правна помош за овој предмет, а соработува и со соседна држава на Република Македонија. Како што рече шефицата на СЈО, предистрагата разоткрива друга теорија за случајот.
-Предистражната постапка за делото се води во две насоки: дали се криви сега обвинетите и кое е лицето кое е одговорно за убиството во Сопот. Во предистрагата има друга теорија за случајот која сега се истражува – додаде Јанева.
Бранителот на обвинетите, адвокатот Вулнет Пачоку рече дека одбраната ќе побара оштета од државата.
-Ќе се обратиме до Министерството за правда согласно Законот за кривична постапка и убедени сме дека ќе понуди спогодбено решение за да не се соочиме повторно со повеќегодишни судски постапки за остварување на ваквото право – рече Пачоку.