Јавното обвинителство уште од донесување на наредбата за истрага за тргување со влијание и за перење против Бојан Јовановски и Зоран Милески, имало основани сомневања дека и специјалната обвинителка Катица Јанева, лице врз кое се влијаело за да влијае врз истрагите, сторило кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањата.
-Јавната обвинителка Вилма Рускоска донесе наредба за проширување на постапката и врз специјалната обвинителка Јанева. Обвинителката Рускоска побара мерка притвор, рече на денешниот прес државниот обвинител Љубомир Јовески во присуство на Рускоска.
Јовески објасни како Јанева за себе и за други лица прибавила значителна имотна корист за да му ја олесни состојбата на осомничениот Јордан Камчев во Империја, кого го стави во притвор обвинителката од СЈО Лиле Стефанова.
-Еден од осомничените, Боки 13 (н.з.), со влијание врз Јанева врз база на претходно изградено блиско пријателство, влијаел врз неа за таа да преземе недозволени дејствија, За едно лице Орце Камчев (н.з.), да му се олесни притворот, да му се замени со куќен притвор, да предложи во СЈО, спогодба за вина со плаќање на отштета и враќање на пасошот, рече Јовески, поткрепувајќи го ова фактографски со датуми и активности потоа со кои се реализирани сите овие ветени олеснувања, до едно.
Двајцата, за да го убедат осомничениот Камчев дека Јанева има влијание, преку спикерфон од телефонот добиле нејзина потврда пред Камчев дека ветувањата за олеснувањата ќе бидат извршени од неа.
Оо ова, сопругата на Орце, Ана Камчева му платила на посредникот Јовановски првин 500.000 евра, а потоа Камчев од куќен притвор, рече Јовески, уште милион евра.
Со ветување дека ќе биде заштитен сведок и ќе плати со спогодба, без да оди во затвор, Јанева од Камчев прибавила мебел од 298 илјади денари, во исто време кога бил доплаќан милионот евра за Боки 13 и за Кичеец.
Нема ниедна индиција дека платните средства завршиле кај кој било политичар од нашата држава, рече Јовески.
Прашан што ќе се случува со СЈО ако на Јанева ѝ биде одреден притвор, Јовески кажа дека според законите Советот на јавни обвинители треба да констатира дека специјалната обвинителка е спречена да извршува функцијата и да именува в.д. од редот на обвинителите од СЈО.