Следната недела ќе бидат донесени обвинителни одлуки за дел од случаите на Специјалното обвинителство најави Катица Јанева од еднонеделната Школа на природно право во Охрид.
„Повеќето од истрагите што се веќе спроведени од СЈО очекувам да завршат со обвиненија, за кои лица тоа е мошне важно прашање. За некои ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата, за некои ќе се поднесе обинителен акт, но во секој случај наредната седмица ќе бидат донесени јавни обвинителни одлуки“, изјави Јанева.
Таа одржа и предавање пред сите учесници на Школата и порача дека се надева дека судовите ќе ги земат во предвид сите докази на СЈО пред да ги донесат конечните одлуки за случаите кои ќе добијат судска разрешница.
Јанева во однос на рокот за поднесување обвиненија изјави дека во јавноста се разговара за наоѓање решение во најбрз можен рок, но најави дека и покрај тоа, во наредниот период СЈО ќе отвара истраги за други прислушувани разговори кои содржат криминални материјали.